Претставата „Да, инспекторе“ на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“, а во режија на Синиша Евтимов ќе го отвори годинешното издание на меѓународниот фестивал на комедијата „Гола Месечина“ што од 25. до 30. јуни ќе се одржи на стадионот во Реонски Центар во Аеродром.
Традиционалниот фестивал е во организација на Општина Аеродром и Театар Комедија, а годинава на репертоарот ќе бидат претстави од Македонија и регионот, сите со почеток од 21:00 часот.
Градоначалникот Тимчо Муцунски на денешната прес-конференцијата ги повика граѓаните да присуствуваат на деветтото по ред издание на овој фестивал и ја изрази заложбата за поголема поддршка од страна на Општината за надградување и успешна реализација на настани од културен карактер.
-Наша обврска како локална власт е да обезбедиме подобра инфраструктура за во уште подобри услови, проекти слични на овој да се реализираат и Аеродром да стане центар на културата во главниот град. Како најурбана и најдинамична општина во Град Скопје, за мене е од огромно жалење што немаме свој театар. Затоа она што го ветувам е дека посветено работиме и преземаме чекори за до крајот на мојот мандат да го реализираме едно од клучните ветувања – Аеродром да го добие својот мултимедијален центар со кино, театар, простор за изложби, галерија, читална за младите лица и други содржини, рече Муцунски.
Фестивалот и програмата ги најави директорот на Театар Комедија Дарко Спасов, кој ѝ се заблагодари на Општина Аеродром за несебичната поддршка при реализацијата на овој културен настан.
„Ние сме подготвени за почетокот, а шесте ноќи ќе бидат исполнети со одлична забава и одлични претстави. Имаме две меѓународни гостувања, „Театар Славија“ од Белград и гостување од Бугарија на големиот национален театар „Иван Вазов“. Покрај нив, имаме и четири македонски групи – театри од Велес, Охрид, Струмица и од Прилеп“, изјави Спасов и изрази надеж дека и ова фестивалско издание ќе има огромна посетеност.
Картите се бесплатни и можат да се добијат почнувајќи од петок на пријавницата во Општина Аеродром, како и на билетарницата на Театар Комедија, секој ден, освен недела, а едно лице има право на две карти за конкретна претстава.