четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Скопје

Градот Скопје целосно ќе го финансира проектот за реконструкција на улицата „Перо Наков“ во општина Гази Баба

Градот Скопје целосно ќе го финансира проектот за реконструкција на улицата „Перо Наков“ во општина Гази Баба

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска потпиша договор за меѓуопштинска соработка со градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски со што градот целосно ќе финансира реконструкција на улицата “Перо Наков” во Гази Баба.

„На барање на граѓаните од заедниците Кирил Петрушевски, Триангла и Маџари 1, кои застапуваат повеќе од 10.000 жители, Градот Скопје ќе ја финансира реконструкција на улицата Перо Наков. Ова е значаен проект за жителите на Гази Баба затоа што улицата не била реконструирана со децении, а станува збор за најфрекфентната улица во општината. Конкретно за улицата Перо Наков се планира реконструкција на должина од 2.000 метри каде целосно ќе се заменат оштетените и ќе се изградат нови тротоари и ќе се постават нови автобуски стојалишта долж улицата“, изјави Арсовска.

За градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски проектот е одговор на барањата на граѓаните на општината.

„Проектите треба да бидат одраз на барањата на граѓаните. Работиме во нивен интерес. Со реконструкцијата на оваа најфрекфентна улица го олеснуваме функционирањето на околу 30.000 граѓани кои циркулираат на дневна основа во овој дел од општината. Ќе биде  опфатен потегот од раскрсницата со улица Маџари до улица Индустриска 2 каде ќе има ископ на коловозна конструкција, тампонирање и асфалтирање со три слоја асфалт, замена на оштетените рабници. Меѓу општинската соработка со Градот Скопје ќе донесе доста проекти за граѓаните на Гази Баба и ние како општина со ова го започнуваме циклусот на градежна офанзива“, изјави Стефковски.