Граѓаните победија! Центарот за зависници нема да се смести во Општина Гази Баба, информираат од граѓанската иницијатива „Наша Гази Баба“.
-Жално е што Градоначалникот Борче Георгиевски не најде време да не прими како граѓани и да разговара со нас. Благодарност до сите граѓани кои протестираа и покажаа отпор кон намерата на Владата и Општината. Граѓанскиот отпор е непобедлив!, стои на Фејсбук страницата „Наша Гази Баба“.
Жителите на Гази Баба два пати досега го кренаа својот глас и протестираа против оваа одлука.
Тие не се согласуваа Центарот да биде префрлен во мензата на фабриката МЗТ како што одлучија здравствените власти. Учесниците на протестот побараа и оставка од градоначалникот.
Минатата среда се одржа вториот протест пред фабриката „Металски завод- Тито“ каде се планираше да се префрли Центарот за зависници од дрога од Кисела Вода во Гази Баба.
По првиот граѓански протест и советниците од ВМРО-ДПМНЕ од Гази Баба застанаа „во одбрана“ на граѓаните и бараа одговори, како што рекоа, за самоволието на градоначалникот Борче Георгиевски.
Сега останува отворено прашањето- Каде ќе се дислоцира Центарот за зависници?