Граѓанската иницијатива против урбаното дивеење во Ѓорче Петров ја известува јавноста дека со сите свои капацитети и расположливи средства ќе се бори против дополнителното бетонизирање на општината и кратење на рекреативните капацитети во општина Ѓорче Петров.
-Во врска со веста дека градоначалниците Наумоски и Шилегов планираат изградба на двосмерна улица со четири ленти на кејот на реката Вардар, односно непосредно покрај шеталиштето со што практично ќе се наруши комодитетот на рекреативците, сакаме да потенцираме дека нема да дозволиме ново урбано дивеење и нарушување на мирот и безбедноста на предвидената локација. Како што велат од здружението “На точак”, рекреативната пешачко-велосипедска патека од Ѓорче Петров до Сарај ќе се уништи со планираната изградба на булеварот “Алексо Демниевски”/”Сремски Фронт” со четири предимензионирани ленти за автомобили, односно рекреативната патека ќе се претопи во новиот проект. Тоа практично значи сечење на постојниот дрворед и немање можност за нов, бидејќи со самото поставување на мали столбчиња кои ќе го означуваат коловозот, нема да има место ниту за нов дрворед, ниту пак за нормална рекреативна патека. Имено, изградбата на овој коловоз би требала да се одвива на место кое што најпрво е заштитено и спаѓа под зелен појас, а дополнително на тоа ќе ја загрози и безбедноста на првите жители кои што живеат блиску до насипот во Ѓорче Петров, велат од граѓанската иницијатива.
Наместо ревитализирање и уредување на постојната патека, Наумоски и Шилегов сакаат да пробијат улица на местото кое што е едно од ретките места кои ѓорчепетровци ги имаат за спорт и рекреација.
-Нема да дозволиме да се уништи и онаа скромна патека која што е единствениот избор за жителите од околината на насипот. На ѓорчепетровци им се потребни нови спортско рекреативни капацитети, а не булевари кои што ќе минуваат низ зелен појас. Остануваме до крај во борбата против урбаното дивеење во Ѓорче Петров, велат граѓаните.