четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Скопје

Граѓаните револтирани и со огромни отоци од убоди од комарци: Не’ изедоа, ова е алармантно (ФОТО ГАЛЕРИЈА)

Граѓаните револтирани и со огромни отоци од убоди од комарци: Не’ изедоа, ова е алармантно (ФОТО ГАЛЕРИЈА)

Иако Град Скопје тврди дека викендов ќе се одржи третата фаза од авионското прскање против комарци, социјалните мрежи се преплавени од фотографии и коментари каде луѓето се жалат на убоди од комарци кои резултираат со огромни отоци по телото.

-Ова е во врска со прскање против комарци, сликата е сликана во Ѓоче Петров на 9.8.2018 во 20ч навечер, рој од комарци и преку 20 убоди на обична прошетка преку облека здобиени, вели читател на Курир кој ни ја испрати оваа фотографија.

Во разни групи на Фејсбук се споделуваат фотографии од убоди од комарци, а родителите загрижени за своите деца бараат совети како најдобро да ги заштитат најмилите и кое средство е најефикасно. Разочарани се дека градските власти, како што велат, не презеле ништо за нивна заштита.

Прошетките во вечерните часови во Градскиот парк во Скопје стануваат вистински хорор. Скопјани се жалат дека и таму има наезда од комарци. Велат, не паметат во минатото да имало толку комарци. Коментираат дека очигледно наместо против комарците, се прска за нивна прихрана.

-Во парк врие, наезда од комарци.

-Сите се жалат, ма какво прскање, ако прскале нема да има волку комарци.

-Во Парк верувајте дека е хорор. Толку комарци не ме каснале за цел живот.

-Не’ изедоа, ова е алармантно, децата ми се изедени. Ова е хаос.

-Се прскаше со прихрана за комарци, се само дел од коментарите кои може да се прочитаат на социјалните мрежи.

Град Скопје изминативе денови ги уверува граѓаните дека се преземаат мерки за прскање против комарци .

Портпаролот на Град Скопје, Валон Салиху вели дека граѓаните се во заблуда и дека во Скопје редовно се прска против комарци, но новите авиони не се толку бучни како претходните и затоа не се слуша.

-Деновиве гледам дека голем број од граѓаните не се соодветно информирани во врска со активностите кои ги има спроведено градот во врска со прскањето против комарци. Процедурите и користеното средство се тие истите како и до сега. Новитет ова година се авионите кои не бучат како тие претходните, и претпоставувам дека тука е и збунката зошто луѓето мислат дека не се прска- вели Салиху.

Граѓаните не веруваат во ваквите изјави и се повеќе се убедени дека ништо не е преземено. Во меѓувреме Градот ја смени најавата за третата фаза од авионското прскање и соопшти дека наместо викендов, прскањето ќе започне од петок наутро и ќе трае до понеделник. Денес објавија и видео, наводно од утринското авионското прскање, но се утврди дека видеото е старо еден месец.

По реакцијата во медиуми, Град Скопје се извини за грешката и најави ново видео од утрешното прскање.

-Ја увидовме грешката што ни ја посочија дел од вашите колеги новинари, односно сме објавиле видео за почетокот на третото прскање против комарци со авион, а кое што е од почетокот на минатиот месец, односно од второто прскање. Очекуваме ново видео за прскањето против комарци кое ќе се направи утре, и истото ќе ви го доставиме. Закажаното полетување на авионите е во 05 часот на спортскиот аеродром Стенковец. Ве покануваме да дојдете и да присуствувате на подготовката и нивното полетување“, се наведува во извинувањето од Град Скопје.

Останува непознато дали и кога ќе биде објавено видеото од денешното авионско прскање кое го најави Градот.