Возачите и утрово „заглавија“ кај мостот Гоце Делчев среде центарот на Скопје. Сообраќајниот хаос кој ги револтира возачите и поради кој, како што велат, доцнат на своите работни места, ќе трае 40 дена.
Од Град Скопје вчера информира дека поради градежни активности за реализација на проектот „Реконструкција на дилатации на мост Гоце Делчев во двата правци“, на дел од бул. Гоце Делчев, ќе биде воведен привремен сообраќаен режим, што фазно ќе го опфати потегот од крстосницата со булеварот Свети Климент Охридски до крстосницата со улицата Филип Втори Македонски, како и булеварот ВМРО од булеварот Партизански одреди до самиот мост.
Градежните работи ќе се изведуваат во две фази, истовремено во двете насоки на движење на мостот.
Во првата фаза при изведба на градежните работи, сообраќајот на потегот од Мавровка кон Влада ќе се одвива во две сообраќајни ленти, а сообраќајот на потегот од стара пошта кон Судска палата ќе се одвива само во една сообраќајна лента. Во втората фаза при изведба на градежните работи сообраќајот на потегот од улица Филип Втори Македонски кон бул. Илинден ќе се одвива во само една сообраќајна лента, додека сообраќајот во спротивниот правец ќе се одвива во преостанатите две сообраќајни ленти.
Фазите на времениот сообраќаен режим се со времетраење од 20 денови по фаза, вкупно 40 денови.
Градот Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да се придржуваат до времениот режим на сообраќај. Истовремено, ги замолуваме сите учесници во сообраќајот за трпение и разбирање поради можното отежнато одвивање на сообраќајот во овој дел на градот, потенцираа од Градот.