Иницијативата против урбано дивеење денеска поднесе барање за средба со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, за, како што посочија на денешната прес-конференција, да не ги одобрува ДУП-овите кои доаѓаат од Општина Ѓорче Петров.
-Причината за оваа средба е да ургираме до Министерството како надлежен орган да не ги прифаќа и одобрува ДУП-овите кои доаѓаат од општина Ѓорче Петров поради сомнеж дека градоначалникот Наумоски има лични врски со Урбаната мафија, рече Горан Костов од Иницијативата против урбано дивеење.
Во Советот на Општината, како што рече тој, денес е поминат ДУП СЗ 15 во непосредна близина до паркот во Ѓорче Петров во кој се предвидени 17 нови згради со висина до 33 метри и околу 24 илјади м2 градежна површина кои треба да се изградат во дел помал од пет илјади м2.
-Со овој ДУП се легализира и се отвора патот на онаа спорна зграда која треба да никне во самиот парк. Ова е еден од тие 25 ДУП-ови кои Општината замислила да ги помине за наредните осум месеци. Урбаната мафија е до таа мера навлезена со влијанието во општината и функционираат како една единка, рече Костов.
Тој најави дека в сабота во 12 часот ќе одржат предупредувачка блокада на сообраќајот кај кружниот тек пред црквата Св. Петар и Павле во Ѓорче Петров.
Додаде оти се надеваат дека ќе наидат на слух од министерот бидејќи, како што рече, со градењето на овие згради се уништува живеењето на жителите на Ѓорче Петров.