Во рамките на реализацијата на капиталниот проект Изградба на фекална канализација и пречистителни станици, во соработка со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието и руралниот развој, во општина Илинден во тек е изградба на канализациски систем за прифаќање и третман на отпадни води во населено место Кадино во должина од 4.982 метри, со препумпни уреди.
Вкупната инвестиција за реализација на овој проект изнесува 23 милиони денари, од кои 14,5 милиони денари се обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието и руралниот развој, а преостанатиот дел од буџетот на општина Илинден.
Со канализацискиот систем ќе бидат опфатени 330 домаќинства од ова населено место, како и други јавни објекти со што значително ќе се подобри животната средина и квалитетот на живот.
Изградбата на овој систем што се наоѓа во најнискиот дел од Кадино каде што нема фекална канализација треба да биде завршен до крајот на оваа година. Заедно со веќе постоечкиот канализациски систем припадна површина 4, сега со фекална канализација ќе бидат опфатени над 660 домаќинства или, 80% од вкупното население од ова населено место.
По завршувањето на изградбата на канализацискиот систем, како што најави градоначалникот Жика Стојановски кој на самото место се запозна со текот на градежните работите, локалната самоуправа планира да работи на подобрување на патната инфраструктура, токму на овие улици каде што минува канализацискиот систем.
Во рамките на реализацијата на проектот Изградба на фекална канализација и пречистителни станици досега се изградени 4 сегменти од фекалната канализација, со 5 пречистителни станици на 5 локации, во 4 населени места, и канализациска мрежа во должина од 21.000 метри. На канализацискиот систем кој опфаќа 1500 домаќинства, досега се приклучени 1243 домаќинства.
Приоритет во изградбата на сегментите имаат места, области и локации кои подлежат на високо ниво на подземните води. Главна цел е да се прочистат отпадните фекални води од домаќинствата и стопанските објекти и потоа да се пуштат во одводниот реципиент.