Носејќи макета на Витлеемската пештера која ја симболизира пештерата во која се родил Исус Христос, ѕвезди што ја симболизираат ѕвездата која ги водела тројцата мудреци до местото каде што бил роден Исус и пеејќи ја христијанската коледарска песна „Вечниот Бог, стотици деца како дел од бадникарската поворка од општина Илинден го најавија прославувањето на Бадник и Божиќ.
Малите коледарчиња кои се симбол на ангелите што ја носат веста за Христовото раѓање во Домот на култура „Илинден“, традиционално беа пречекани од градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски.
Посакувајќи им среќни празници, во знак на благодарност за убавата вест и негувањето на традицијата, на првите гласници на празникот, градоначалникот Стојановски им подари јаболчиња, костени, портокали, бонбони…
Бадникарската поворка се одржува веќе 6-та година по ред, со што стана составен дел од одбележувањето на Божиќ во општина Илинден.
Бадник е последниот ден од шестнеделниот пост со кој верниците се подготвуваат достојно да го пречекаат најрадосниот ден, денот на раѓањето на Спасителот на светот и синот Божји Исус Христос.