Во претходната буџетска година општина Аеродром за трошоци за електрична енергија потрошила 12 милиони денари, од оваа година очекуваме просечна месечна сметка да ни биде 8 милиони денари, значи веќе е видлива суштинската разлика, односно согласно нашата проценка некаде околу 10 проценти од буџетот на општината ќе оди за струја. Тоа е фрапантен податок и тоа се стотици илјади евра, вели градоначалникот на општина Аеродром и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски во вечерашното гостување во емисијата „Топ тема на Ваша страна“ на ТВ Телма.
Муцунски смета дека повратокот на ДДВ за општините треба да е од 9 до 10 проценти се со цел соодветно да се исполнат обврските во однос на реализација на проектите.
-Паралелно велиме дека правиме голем напредок со измените и тоа го поздравувам што има измени во позитивна насока за тоа колку општините ќе добијат од ДДВ, но сметам дека е далеку од тоа што е потребно. Општините според моја проценка треба да добиваат минимум од 9 до 10 проценти од ДДВ-то во својот буџет за да може соодветно да ги реализираат своите обврски и тоа треба да биде наша заложба како градоначалници независно дали сме градоначалници од СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи нашиот интерес е заеднички и нема тука политичка партија, објасни тој.
Муцунски потенцираше дека дополнително се соочува со намелени дотации и трансфери во однос на детските градинки и образованието за 20 милиони денари и тоа при зголемен буџет на Министерството за образование и наука и зголемен буџет на Министерството за труд и социјална политика, барајќи истите да се вратат барем на ниво од претходната година.
-Јас работам за граѓаните кои што не гласале за мене, и тие кои што гласале за мене и тие кои што одлучиле да не гласаат, и тука колективен е интересот. Паралелно со тоа, јас ќе кажам со што се соочувам, дотациите и трансферите за градинки и за образование на општина Аеродром за оваа година и се намалени за 20 милиони денари, при зголемен буџет на Министерството за образование и наука и зголемен буџет на Министерството за труд и социјална политика, и сега имам огромни трошоци во делот на струја енормни, а таму каде што треба најмногу да инвестираме, тоа што е најбитно градинките и образовниот процес на дечињата, таму имаме намален буџет од централната власт, рече тој.
-Да седнеме и да разговараме со централната власт, прво дотациите и трансферите да ни ги врати барем на ниво од претходната година при нивен зголемен буџет, а понатаму да видиме како да ни се помогне со струјата бидејќи немаме целосна фискална децентрализација, општините не може автономно да располагаат на начин како што може централната власт, порача Муцунски.