Проблемот со загадувањето на Скопје вообичаено во лето се заборава, но тоа не значи дека тој ќе исчезне. Напротив, ќе стане топ-тема уште во првите есенски денови. Во минатата есен и зима Скопје речиси постојано беше меѓу топ 5 најзагадени градови во светот, а неколкупати се искачуваше и на самиот врв на оваа неславна листа. Граѓаните се жалеа дека буквално дишат отров и се задушуваат.
Загадувачите на воздухот може да бидат различни, но главниот проблем во Скопје е од цврстите честички во воздухот – ПМ10 и ПМ2,5. Додека дозволеното ниво на ПМ10 честичките е 50 мг/м3, во Скопје во изминатата грејна сезона достигнуваше и повеќе од 1.000. Барајќи го виновникот за загадувањето во Скопје, прстот се насочува кон греењето на домаќинствата, кон автомобилите, фабриките и кон – Дрисла, која беше дури и казнета од градските власти (државниот инспекторат за животна средина).
Сега, додека страстите се смирени, а загадување нема, иако, на пример, Дрисла и во летниот период работи на ист начин, решивме да ја посетиме скопската депонија и на самото место да се увериме во начинот на кој таму се справуваат со отпадот. Се изненадивме бидејќи воопшто не наидовме на проблеми, напротив – од Дрисла ни рекоа дека слободно може да дојдеме и дека тие ќе ни објаснат сè што нè интересира.
Во Дрисла се обработува и се отстранува комуналниот отпад – се одлага, се набива и се покрива со неразградлив материјал и со хумус, за да не е во допир со воздухот.
– Во нашата земја реално не постори друг објект за депонирање цврст отпад, кој притоа работи по современи технолошки стандарди. Овде отпадот не се пали, за разлика од дивите депонии во земјава, и ниеден од процесите што се применуваат не создава ПМ-честички. Всушност, единствен отпад што се согорува тука е медицинскиот, и тоа се прави по прецизно пропишани процедури и единствено кај нас – велат од Дрисла и потсетуваат дека пред неколку месеци на печката е поставен и филтер за намалување на штетните гасови.
Она што е најинтересно е што Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Дрисла има поставено мерна станица за загадување, кое се следи постојано. Во текот на изминатата есен и зима, регистрираните вредности на ПМ10-честичките се движеа околу 40 мг на м3, вредности далеку од екстремните регистрирани во Лисиче или во Карпош каде беа и над 700 мг на м3.
Во интерес на сите е да се утврдат вистинските загадувачи на Скопје и да се дејствува за да се неутрализираат. Но да се тврди дека тоа е Дрисла, очигледно е барање жртвено јагне. Според фактите, тоа е најголемата лага за загадувањето, која не му користи никому! Освен на вистинските загадувачи веројатно.