В.д. директорот на ЈП „Улици и патишта“ Борис Настов во изјава за Курир вели дека во пожарот кој ги зафати бараките на претпријатието, лоцирани зад ТЦ Буњаковец опожарени се околу 380 м2 работни простории.
-Пожарот избувнал синоќа, како што ме информираа, по експлозија на паркирано возило во близина на бараката. Полициски екипи и екипи од Противпожарната бригада се уште се на терен. Во моментов не можеме да влеземе да видиме дали се опожарени сите канцеларии, но сите се оштетени. Оперативните и тековни работи на претпријатието си функционираат, вели Настов за Курир.
Во бараката се наоѓала документацијата на претпријатието, архивата, документација за вработените, финансови извештаи…
Командантот на скопската протипожарна бригада, Владимир Симоновски во изјава за Курир вели дека пожарот кај нив е пријавен во 1:50 минути по полноќ.
-На терен е интервенирано со шест возила и 19 пожарникари. Пожарот е под контрола, на терен се уште има пожарникари кои работат на догаснување, вели Симоновски за Курир.
Од МВР информираат дека околу 01.15 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Стефан Јакимов Дедов“ настанал пожар во патничко возило „Нисан“, со скопски регистарски ознаки, сопственост на Н.Л.(38) од Скопје.
-Од пожарот делумно било зафатено и патничко возило „Шкода“, со скопски регистарски ознаки, сопственост на Г.Б.(45) од Скопје и бараките на ЈП „Улици и патишта“ кои биле целосно опожарени. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил локализиран, а повредени лица нема, информира МВР.
Полициски екипи во текот на денот ќе вршат увид.