Паркот на природата „Гази Баба“ деновиве е збогатен со нови парковски елементи изработени од дрво. Екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ на неколку локации низ зеленилото поставија нов мал видиковец, набљудувачница, парк за миленици и две дрвени куќички за деца.
Во исто време се реконструирани и постојните елементи во паркот – тие се бојадисани, а на покривот на видиковците е прикована шиндра, како превентивна заштита.
Новите парковски елементи со својата форма и намена го дополнуваат изгледот на содржините во Паркот на природата „Гази Баба“ кој е вистинско место за рекреација, релаксација и пријатен престој на отворено за посетителите од сите генерации, како и за забава и игра за најмладите и за нивните миленици.
Грижата и уредувањето на зеленилото во градот и подигањето нови зелени површини е меѓу приоритетите на Градот Скопје, чии екипи интензивно работат на формирање нови зелени коридори.