среда, 29. ноември 2023. Вести денес: 0
home Скопје

Oд први јануари: Во Град Скопје ќе се вработат 109 луѓе на определено време

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, до Советот на Град Скопје поднесе предлог-одлуката за одобрување финансиски средства за вработување на определено време за 2022 година на 109 луѓе.
Oд први јануари: Во Град Скопје ќе се вработат 109 луѓе на определено време

Доколку Советот на Град Скопје на претстојната седница ја прифати Предлог-одлуката за одобрување финансиски средства за вработување на определено време за 2022 година, во Градот од први јануари ќе се вработат 109 луѓе на различни позиции, преку приватни агенции за вработување за период од една година.

Во образложението на предложената одлука, чиј предлагач е градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, се вели дека согласно законите договорите за вработување на определено време може да се склучат само ако институцијата обезбедила согласност дека се обезбедени финансиски средства од органот надлежен за давање на согласност на годишниот план за вработување на институцијата во однос на буџетот. Притоа се објаснува и потребата од предложените вработувања.

Заради редовното функционирање на процесот на работа во секторите во Град Скопје, зголемен обем на работа, замена на привремено отсутни вработени поради подолготрајни боледувања или други отсуства, тековни пензионирања и други форми на престанок на вработување, за периодот што следи, се наложи потребата од извршување на работи и на слободни или испразнети работни места. Еднa од законските можности за нивно пополнување е преку нови вработувања на лица на определено време преку приватни агенции за вработување, на начин, под услови и во постапка предвидена со закон, пишува во образложението на предложената одлука.

Во Предлог – Буџетот на Град Скопје, кој исто така треба да се разгледува на седницата на Советот на 29 декември, предвидени се и трошоците за привремени вработувања за наредната година, кои изнесуваат 42 милиони денари.