Општина Аеродром денеска беше наградена со Европска ознака за извонредност на управувањето, а на денешниот настан наградата ја прими Градоначалникот Тимчо Муцунски.
Оваа награда ја доделува Советот на Европа, преку Европската организација за локална демократија АЛДА и со себе го носи престижниот сертификат ElоGe (Еuropean Label of Governance Excellence) што всушност е доказ дека Општина Аеродром покажала високо ниво на демократско владеење преку прифаќање на 12-те начела за добро демократско управување усвоени од страна на Советот на Европа.
Станува збор за награда по успешно спроведена самоевалуација, а која уште еднаш потврдува дека Општина Аеродром работи транспарентно, ефикасно, иновативно и е отворена за воведување позитивни промени со што се доближува до граѓаните и од ден на ден сѐ повеќе ја добива нивната доверба.
„Ми претставува голема чест што нашата Општина Аеродром ја доби оваа значајна награда, која е од исклучително значење за сите нас и се надевам дека нема да запреме тука. Ова е само уште еден поттик да продолжиме со процесот кој подразбира постојано унапредување на работата, а со тоа и да останеме посветени на создавање уште подобри услови за аеродромци“, истакна градоначалникот Муцунски.
Покрај Општина Аеродром, на денешниот настан во Скопје, оваа награда ја добија уште осум општини од Македонија, како и шест од Косово и три од Хрватска, со што се докажува дека регионалната соработка и меѓусебната поврзаност е од огромно значење.