Продолжуваат проектите за развој на секој дел од општината. Населба Лисиче во Општина Аеродром оваа есен ќе биде опфатена со голема градежна офанзива во чии рамки населбата ќе добие ново современо игралиште за фудбал и кошарка, детско игралиште за најмладите, како и целосна реконструкција на две улици во должина од речиси 2000 метри, информираат од општината.
-Истовремено, продолжуваме со решавање на сите постапки и правни процедури за до крајот на нашиот мандат да се реализира Спортскиот центар „Пирин“, како и за почеток на целосна реконструкција на детската градинка „Пчелка 1“.
Овој период се спроведуваат инвестициски активности и на спортското игралиште за фудбал и кошарка кое се наоѓа веднаш до „Пирин“. На ова спортско игралиште се поправаат головите, кошевите и заштитната ограда, а теренот добива нова современа тартан подлога со дебелина од 13 милиметри погодна за сите временски услови, со што ќе се овозможи безбедно спортување за сите генерации. Овој простор ќе биде хортикултурно уреден, со што ова место ќе добие целосно нов лик.
Во рамки на есенската инвестициска офанзива целосно ќе бидат реконструирани коловозот и тротоарите на две улици во населбата Лисиче. Улицата Мите Богоевски ќе се реконструира во вкупна должина од 1245 метри и Црноризец Храбар, во вкупна должина од 600 метри
Во близина на библиотеката покрај ул. „Мите Богоевски“, најмладите го добиваат првото детско катче во овој дел од населбата.
Есенската градежна офанзива е дел од програмата за работа на Општина Аеродром. Општината се грижи и инвестира во рамномерен развој на сите населени места. Програмата за работа за 2022 година и плановите за следната, 2023 година вклучуваат проекти за секое населено место во општината, додаваат од општина Аеродром.