Соочени со сè поголема енергетска и економска криза во државата, грижата за најпогодените граѓани треба да биде меѓу врвните приоритети на секоја општинска администрација. Затоа, Општина Аеродром и детската градинка „Буба Мара“ на дневна основа ќе донираат пакети со топол оброк на социјално ранливи граѓани.
Денеска управата на градинката потпиша меморандум за соработка со хуманитарната организација на скопската православна епархија при МПЦ-ОА „Свети Спас“.
Храната ќе се пакува во пакети и ќе се дели на сите социјално ранливи граѓани кои имаат потреба од топол оброк, секој ден во периодот од 14:00 до 14:30 часот во црквата Св. Никола во паркот „Јане Сандански“.
Градоначалникот Тимчо Муцунски и претседателот на Советот Дејан Митески денеска извршија увид во почетокот на оваа хуманитарна акција. Тие го поздравија овој хуман гест, со кој освен што се помага на луѓето од социјално ранливите категории, истовремено и се зачувува храна во овој тежок економски период за сите нас.
Општина Аеродром останува посветена на создавање подобри услови за живот за секој еден граѓанин и ќе продолжи со хумани дела и во иднина.