петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Скопје

„Островска“ доби нов повеќенаменски комплекс

„Островска“ доби нов повеќенаменски комплекс

Денес на „Островска“ во населбата Лисиче, со обраќање на градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски и претседателот на советот, Дејан Митески и изведување на музички точки подготвени од учениците од ООУ „Лазо Ангеловски“ официјално беше пуштен во употреба

Новиот повеќенаменски комплекс на повеќе од 2500 квадратни метри површина, денеска беше пуштен во употреба во населбата Лисиче.

Станува збор за инвестиција реализирана со средства од буџетот на Општина Аеродром која опфати изведба на ново игралиште за фудбал, кошарка и ракомет со најсовремена подлога, ново детско катче, партерно уредување на просторот, како и останати содржини за забава и рекреација.

Локацијата која отсекогаш била заборавена и оставена како депонија, денес е претворена во модерен и современ комплекс со содржини наменети за сите генерации. Повеќенаменскиот комплекс е заокружување на двегодишните активности за унапредување на инфраструктурата и условите за живот во овој дел од Аеродром, информираат од Општината.

Градоначалникот Тимчо Муцунски во својот говор истакна дека е особено горд за овие инвестиции кои овозможуваат нови содржини за граѓаните, но и претставуваат доказ за посветеноста и развојот на општината во сите населени места.

-Токму тука од Лисиче, сакам да испратам јасна порака дека актуелното општинско раководство, членовите на советот на Општина Аеродром, директорите на детските градинки и основните училишта, сите ние сме силно посветени да реализираме што повеќе проекти, да завршиме што повеќе инвестиции и секогаш кога тоа е можно да излеземе во пресрет за граѓаните. Затоа што сите ние сакаме Аеродром да биде модерна, зелена, урбана и чиста општина, со која секој од нас ќе биде горд, истакна Муцунски во своето обраќање.

Тој нагласи дека во изминатиот период во овој дел од општината реализирани се голем број проекти: асфалтирање на улици, нови спортски игралишта, детски катчиња и сообраќајни решенија. Притоа најави дека до крајот на годината започнува реконструкција на подрачното училиште „Гоце Делчев“ во Долно Лисиче, а привршува и изведбата на новиот спортски комплекс во Долно Лисиче.

Претседателот на советот Дејан Митески во своето обраќање потенцираше дека спортското игралиште е резултат на решеноста на општинското раководство да ги подобри условите за спортување, со што дечињата во овој дел од Аеродром ќе имаат иста можности за спорт и рекреацијата како другите дечињата од општината.

Митески најави уште многу инвестиции и проекти во периодот што следи. Упатувајќи честитки до граѓаните на Општина Аеродром и Лисиче, официјалниот настан заврши со разгледување на новиот комплекс и музички точки изведени од страна на дечињата од основното училиште „Лазо Ангеловски“.