Скопјани од понеделник со нови проблеми. „Слобода превоз“ почнува со штрајк и десет линии со кои тие оперираат нема да возат по градските улици – линии кои скопјани често ги користат за да стигнат до своите работни места или домови, објави Телма.
Како што пренесе телевизијата, причина е лошата финансиска состојба на сопствениците на автобусите, бидејќи со месеци се без плата, а ЈСП не го подмирува долгот од околу еден милион евра кон „Слобода превоз“ .
Дека приватните превозници в понеделник нема да ги изнесат автобусите од гаража потврди и првиот човек на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски.
– Превозниците ќе реагираат со протести. Доколку не се оствари средбата, секако дека ќе има протести. Ако протестите не вродат со плод, превозниците најавуваат целосен штрајк – изјави Јовановски за Телма.