петок, 22. декември 2023. Вести денес: 0
home Скопје

Перински: Остануваме посветени во обезбедување на квалитетна вода – од сите нас зависи колку ќе ја зачуваме

Перински: Остануваме посветени во обезбедување на квалитетна вода – од сите нас зависи колку ќе ја зачуваме

Денес во просториите на ЕУ Хаус, се одржа прес конференција по повод одбележување на Светскиот ден на водата 22 Март 2022, каде се презентираа активностите кои се спроведоа, а вклучуваат дистрибуција на видео материјали под слоганот „Водата е живот, квалитет кој трае“, како и дистрибуција на едукативно – информативен постер и видео до сите основни училишта на територија на град Скопје.

„Повеќе од 100 години, невидливото го правиме видливо. Подземната вода, за нас како претпријатие, за нас како граѓани на град Скопје е од огромно и непроценливо значење. Секоја наша активност е во насока на зачувавање, токму на ова природно богатство, негова заштита од сите фактори кои може да делуваат негативно, негова рационализација во употребата, одржливост и изнаоѓање алтернативни извори на водоснабдување, како одговор на брзиот раст на градот, урбанизацијата и секако климатските промени“ – истакна Златко Перински, директор на ЈП Водовод и канализација – Скопје.

Перински додаде дека со слоганот „водата е живот, квалитет кој трае“, се испраќа порака за важноста на ресурсот, кој е од непроценливо значење за скопјани, како и дека ЈП Водовод и канализација – Скопје останува посветено во обезбедување на квалитетна вода, истакнувајќи дека од сите нас зависи, колку ќе го зачуваме.

Иницијативата на Здружението за Третман на води и Отпадни води на Македонија ЗТВ-МК и Друштвото за геотехника на Македонија при Градежниот факултет – Скопје, за спроведување на едукативно информативната кампања, со цел одбележување на Светскиот ден на водата 2022 под мотото „Подземни води – невидливото станува видливо“, освен од ЈП Водовод и канализација – Скопје, беше поддржана од ЕУ Делегацијата, Министерството за животна средина, Амбасадата на Швајцарија, Амбасадата на Сојузна Република Германија, Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), Европската Асоцијација за води и „5+ Фамилија“.