Кристијан Чушков, директорот на ЈСП Скопје, кој деновиве стана познат во јавноста по скандалозните набавки од 200 илјади евра доделени на две фирми основани од ист сопственик еден месец пред да го добијат бизнисот, денеска избега од прашања на советниците во Советот на град Скопје и не се појави на денешната седница. Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ Ирена Попова упати три прашања до Чушков кој треба истите писмено да ги одговори.
Во врска со скандалот со набавката таа рече дека Чушков набавката на картички ја извршил без тендерска постапка, туку во четири очи, со фирма која е формирана еден месец пред склучувањето на договорот. Таа запраша какви се квалификациите на оваа фирма и кое е нејзиното конкретно искуство за да можат да ја добијат оваа работа. Дополнително поставувајќи прашање, како директорот знаел дека ваква фирма е формирана, па ја поканил да учествува.
Попова рече дека иако Чушков вели дека постапката е кристално чиста, тој заборава дека го прекршил чл.55 од Законот за Јавни набавки. Договорот е склучен на 16.07.2018 година вели таа, а согласно чл.55 од Законот за Јавни набавки, договорниот орган задолжително објавува известување за склучен договор до електронскиот систем на јавни набавки во рок од 30 дена по спроведувањето на постапката. Договорот е склучен на 16.07.2018 година, а рокот до кога требало да биде објавен е 16.08.2018 година, а директорот го објава на 27.08.2018 година., што значи дека постапката не е кристално чиста, туку е прекршен чл.55 од Законот за Јавни набавки.
Таа вели дека не е случајно криењето на овој договор од јавноста. И запраша што криел Чушков од јавноста, но и дали ако немал притисок од страна на јавноста сеуште овој договор ќе бил во неговата фиока и јавноста немало да знае што се случува.
Попова рече дека Чушков сакал да сокрие дека дава бизнис од 200 илјади евра на фирма која е формирана еден месец пред да ја добие набавката и дека постапката не е чиста, но и дека јавноста го следи со внимание овој случај.
-Сакавте да сокриете дека давате бизнис од 200 илјади евра на фирма која е формирана пред само месец дена пред склучување на договорот, треба да го разрешите директорот, му порача Попова на градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов.