петок, 17. ноември 2023. Вести денес: 0
home Скопје

Се одржа седмиот по ред „Саем на домашно вино“ во Општина Илинден

Се одржа седмиот по ред „Саем на домашно вино“ во Општина Илинден

Во присуство на голем број граѓани, во населеното место Ајватовци, во Општина Илинден, по седми пат се одржа традиционалниот „Саем на домашно вино“. Во изборот на најдобро домашно приготвено вино на традиционален начин, учествуваа дванаесетмина винопроизводители, а за најдобро беше прогласено виното на Трајче Трајковски од Ајватовци, второто место го освои Новица Апостоловски од Мршевци, додека трет беше винопроизводителот Божидар Костовски, од Бунарџик.

На производителот на најдоброто вино градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски, му врачи посебна плакета. Благодарници и пригодни награди тој им додели и на сите учесници во изборот на најдобро домашно приготвено вино.

Изборот на најдоброто вино, како и во изминатите години го извршија членовите на „Вински витези“ од Македонија- здружение кое што се грижи за промоција на македонското вино и на македонската култура.

Според зборовите на професорот Мишо Христовски, од здружението „Вински витези“, имале навистина тешка задача да го одберат најдоброто меѓу сите оние, како што рече, презентирани добри вина. Она што посебно радува е тоа што од година во година овој фестивал на виното добива на квалитет, особено што винопроизводителите се повеќе ги применуваат советите на „Винските витези“ за тоа како да се произведе што поквалитетно вино.

Саемот на виното се одржува во дворот на црквата „Свети Трифун“, во рамките на одбележувањето на големиот верски празник посветен на овој светец и празникот на лозарите. Свеченоста почна со Божествена литургија во црквата „Свети Трифун“, што ја одржаа свештениците од Македонската православна црква-Охридска архиепископија, по што следуваше  симболичното закројување на лозовите насади.