Традиционалниот Саем на домашно вино денеска по седми пат ќе се одржи во населеното место Ајватовци, Општина Илинден, во рамките на одбележувањето на големиот верски празник и празник на лозарите – Свети Трифун.
Како што информираат организаторите, на овој своевиден вински фестивал на којшто ќе учествуваат повеќемина винопроизводители од Општина Илинден ќе биде извршен избор на најдобро домашно приготвено вино на традиционален начин. Изборот ќе го извршат членовите на „Вински витези“ од Македонија – здружение коешто се грижи за промоција на македонското вино и на македонската култура.
Свеченоста ќе почне во 8:00 часот со божествена литургија во црквата „Свети Трифун“, потоа ќе следува симболично закројување на лозовите насади, со што ќе биде означен почетокот на годинашниот Саем на домашно вино.