Приватните автобуски превозници преку социјалните мрежи упатија извинување до граѓаните на Скопје за попреченото движење низ градот, откако изутрина од шест часот повторно протестираат со блокади на неколку важни сообраќајни точки во главниот град барајќи исплаќа на долгот што го побаруваат од Град Скопје.
– Слобода Превоз во име на сите приватни превозници се извинува до сите граѓани на Скопје кои денеска и се до решавање на проблемот ќе бидат попречени во нивното движење низ градот. Приватните превозници бараат подршка од сите граѓани се со цел побргу да се изнајде решение на проблемот, се вели во пораката објавена на Фејсбук страницата на Слобода превоз.
Откако не беше постигнат договор со градските власти за подмирување на долгот што Град Скопје го има кон нив, приватните превозници од шест часот утрово повторно протестираат со блокирање на двете крстосници пред ТЦ „Мавровка“ и пред Црвен Крст, како и на бул. „Илинден“ во околината на Градското собрание.
Кемал Муриќ од „Слобода превоз“, утрово во изјава за МИА, рече дека нема да се тргнат блокадите се додека нема напредок за излез од состојбата во којашто се наоѓаат.
– Како што најавивме, денеска автобусите се паркирани и ќе бидат тука се додека нема напредок од состојбава, односно да не викнат на разговори и да си договориме за динамиката за исплата на заостанатиот долг, да продолжат неделните уплати за да можеме да се вклучиме на линија, се со цел да не трпат граѓаните, изјави Муриќ.
Од друга страна, граѓаните се принудени да најдат алтернативи во сообраќајот, но, поради зголемената гужва низ алтернативните улици и булевари, има застој во поголемиот дел од сообраќајниците, додека дел од граѓаните одбраа да патуваат со велосипеди, тротинети, или пеш кон своите дестинации.
За во 11 часот е најавена изјава за медиумите на директорт на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски за последните случувања и натамошните чекори на превозниците.