Бобан Стефковски, кандидат за градоначалник на Гази Баба од ВМРО-ДПМНЕ на дебатата на Македонската телевизија посочи дека треба да заврши времето кога градоначалниците ќе работат само непосредно пред избори.
„На градоначалникот мандатот му почнува по изборот и му трае 4 години, а не 15 дена пред избори како тоа што сега се прави. Четири години немаше ништо и сега се работи непосредно пред гласање. Во делот на инфраструктурата јасно е дека булеварот Александар Македонски треба да има трета лента. За тоа има готов проект за трета лента не знам зошто не е направено ништо во изминативе 4 години. Ние тоа сега дефинитивно ќе го направиме со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска“, рече Стефковски.
Тој посочи дека во Гази Баба дефинитивно треба да се среди сообраќајниот хаос.
„Дел од граѓаните се жалат дека им се нуди нереална цена за откупување на земјиштето за да се изгради инфраструктура“, рече Стефковски.
Стефковски истакна дека има план, визија и програма за заедно со граѓаните да ја направи општината подобро место за живеење.
„Како и до сега и во новото поглавје ќе продолжиме сите заедно за поубава Гази Баба. Заедно ќе ги креираме и реализираме сите проекти за најуспешна општина. Гази Баба ќе ја направиме економски развиена општина, но да има лесна и незагадувачка индустрија и планираме да има и домашни и странски инвестиции и во перид од 4 години да дојдат до 7 инвестиции кои ќе донесат до 1000 директни вработувања. Значи ние сме против индустрија која ќе загадува, ваквата индустрија се дислоцира надвор од градовите, тоа е пракса во сите земји“, рече Стефковски.
-За разлика од нас актуелниот градоначалник Борче Георгиевски имаше план кој го спречивме. Тој имаше план за проширување на Железарница која е тешка индустрија и друг план за капацитет за хемиски отпад. Сето ова е многу штетно за граѓаните и животната средина, рече Стефковски.