Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски во своето гостување на македонската телевизија говореше дека тој како градоначалник уште од првиот ден се залага за решавање на деценискиот проблемот со фекалната канализација во целата општина.
-Поголем дел од руралните средини за жал немаа основни елементарни услови за живот, тоа е фекалната канализација и навистина од првиот ден од доаѓањето како градоначалник се фокусиравме на решавање на овие децениски проблеми. Како што соопштив исто така оваа година имаме планирано средства и реализирано средства околу 1 милион евра за изградба на фекална канализациона мрежа во населените места. Интензивно работевме и сеуште работиме за изградба на фекална канализациона мрежа. Ја завршивме првата фаза на канализационата мрежа во населеното место Страчинци и се надевам дека за еден месец започнуваме со комплетна реализација на останатите фази за конечно да Страчинци добие функционален фекален систем. Исто така продолживме со првата фаза на фекална канализација во Црешево која ја завршивме и во моментот се работи на изградба на втората фаза од фекалната канализација Црешево вредносна инвестиција која што е околу 20 милиони денари, само за ова населено место. Ја завршивме и во Смилковци со поставување на приклучоци и пуштање на пречистителната станица. Исто така работиме и на поставување на приклучоци во Јурумлери, а во наредниот период започнуваме постапка со изградба на четвртата фаза од фекалната канализација Трубарево и Чукур Мало, интензивно се работи и во населеното место Гоце Делчев. Фокусот ни е во наредниот период сите овие активности што се започнати во овие населени места да ги заокружиме, рече Стефковски.
Градоначалникот Стефковски во текот на своето гостување посочи дека работи посветно во секоја област на општественото живеење за да ги подобриме условите на граѓаните.
-Гази Баба имаше голем број на децениски проблеми и со систематско поставување на работите и на стручниот тим настојуваме сите овие проекти прво да ги изработиме, а потоа и да преминеме во фаза на реализација. Исто ова лето спроведовме ден проект за изградба на седум спортски игралишта, 5 од нив се со современа тартан подлога и комплетно реконструирани, тоа се во Ќерамидница, Кирил Петрушевски, Колонија, Гоце Делчев и Маџари. Терени со вештачка треба изградивме во Стајковци и Страчинци. Значи буквално работиме посветено во секоја област на општественото живеење за да ги подобриме условите на граѓаните, кажа тој.
Стевковски исто така се осврна и на животната средина каде потенцираше дека животната средина е на врвот на неговите приоритети.
-Заштитата на животната средина е на врвот на моите приоритети, тоа го кажував и во периодот кога беше изборната кампања, но и на дело го практикуваме изминативе десетина месеци. Откако дојдов јас за градоначалник исчистивме над 79 диви депонии кои што беа на јавни површини во населените места во Гази Баба. Дадов едно ветување дека ќе ја стопирам изградбата на нов хемиски отпад на територијата на Гази Баба. Морам тука јавно да соопштам дека претходното раководство имаше отпочнато постапка за отварање на нов хемиски отпад на територијата на општина Гази Баба, но го стопирав уште во првата недела од мојот мандат. Исто така работиме и на изградба и на нови паркови, се изгради нов мултифункционален парк на површина од над 2.000 метри во населеното место Маџари која е инвестиција исклучиво со поддршка од општина Гази Баба, се работи и изградба на нов парк во Ченто каде што општината преземе обврски за изградба на детско катче, за комплетна реконструкција на спортското игралиште и за поставување на урбана опрема. Исто така на почетокот на мојот мандат засадивме над 4.000 нови садници.За прв пат во општина Гази Баба се доделуваат субвенции на граѓаните за набавка на тротинети, за набавка на велосипеди, за набавка за вградување на течен нафтен гас во автомобилите и за чистење на оџаците. Двојно ги зголемивме средствата кои ги доделуваме на граѓаните за набавување на клима-инвертори и на печки за пелети, додаде тој.