Неспособноста на менаџментот на Градот Скопје и институциите под Градот Скопје повторно излезе на виделина. За жал, изминатиот период граѓаните се соочија со сериозен проблем околу комуналната хигиена и несобирањето на сметот од страна на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“, иако за тоа сите како граѓани плаќаме соодветен надомест. Имајќи ја во предвид оваа состојба, јас денеска остварив контакт со моите колеги од соседните општини, градоначалникот на Општина Илинден и Општина Петровец и тие уште вечерва испратија соодветни екипи и механизација која што ќе ни излезе во пресрет и заедно со Јавното комунално претпријатие на општина Гази Баба ќе преземеме теренски активности со цел собирање на сметот, вели градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски во изјава за вестите на телевизија Сител, каде што на лице место од терен го собираат сметот кој што веќе неколку дена не е собран од страна на ЈП „Комунална хигиена“
Стефковски упати предлог до менаџментот на јавното комунално претпријатие, ако не се способни да го собираат и да менаџираат со комуналниот смет, механизацијата, како и буџетот со која располагаат нека ги даде на располагање на скопските општини, за тие да менаџираат со нив и да воспостават ред и чистота во градот.
„Апелирам до Градот Скопје и до надлежните институции, навремено да превземат соодветни мерки да се надмине оваа ситуација. Доколку истите не се во состојба да воспостават менаџирање во однос на собирање на комуналната хигиена, имаме соодветен предлог, дел од механизацијата со која што располага Јавното претпријатие „Комунална хигиена“, секако и буџетот со кој располага, рамномерно да се распредели согласно големината на скопските општини и ние како скопски општини да менаџираме со оваа механизација за собирање на комуналниот смет“, рече Стефковски
Тој додаде дека недозволиво е во 21 век граѓаните во Скопје да се соочуваат со една ваква состојба која што не се соочиле години наназад.