Општина Ѓорче Петров ја замислувам како модерна и урбана општина која што ќе биде пример за сите други општини, вели кандидатот за градоначалник на општина од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Стојкоски.
Во своето интервју во емисијата „Што не е јасно“ на телевизија Алфа, Стојкоски истакна дека со неговото доаѓање на чело на општината, истата ќе ја направи да биде пример за функционирање и работење од која пример ќе земаат другите општини низ државата.
„Ѓорче Петров ја замислувам како модерна и урбана општина која што ќе биде пример за сите други општини. Не да земеме ние пример од другите општини, туку другите општини да земаат пример од нас. Јас верувам дека во Ѓорче Петров има доволно капацитет и на луѓе, и на идеи, и на ресурси за да сето тоа ни го оствариме“, истакна Стојкоски.
Во однос на изборната кампања и програмата со која ќе ги бара гласовите на ѓорче петровци, тој истакна дека во неговиот фокус се три главни проекти и проблематики кои се суштински за општината. Главен проблем за кој што ќе се заложи е Општина Ѓорче Петров да ја направи економски одржлива развојна општина.
„Во мојата изборна кампања, јас се фокусирам на три главни нешта, за кои што сметам дека се функционални и дека една со група се надополнуваат, а тоа е пред се одржлив економски развој на самата општина“, истакна Стојкоски.
Друг, главен приоритет на Стојкоски за Ѓорче Петров е да подигни многу зелени површини, нешто што во моментов му недостига на општината и нивно одржливо управување. Трет приоритет во неговата изборна кампања е, континуираната работа и вложување во делот на инфраструктурата, со што ќе се дојде до решавање на сообраќајниот хаос.
„Понатаму, подигнување на многу зелени површини и одржиливо управување со истите во делот на заштита на животната средина и континуирана работа во делот на инфраструктурата“, истакна Стојкоски.
Тој, пред граѓаните се заветува на континуирана и посветена работа во нивен интерес и решавање на нивните проблеми уште од првиот ден на почетокот на неговиот градоначалнички мандат и дека целосно ќе се фокусира во подобрување на целокупното живеење на граѓаните.