Трговскиот центар во населбата Лисиче доби целосно ново осветлување.
КУРИР вчера интегрално го пренесе соопштението од општина Аеродром каде се информира за овој новитет.
Старите и дотраени светилки се заменети со нови 108 лед-рефлектори и светилки. За новото осветлување се издвоени 2 милиона и 200 илјади денари од општинскиот буџет.
За жителите на скопската населба ова беше добра вест со оглед на фактот дека до сега трговскиот центар беше во темнина. Но, основната математика остава простор за сомнеж дека овде станува збор за некаква злоупотреба и измама на граѓаните, но пред се финансиска измама.
Ако со 2,2 милиони денари биле купени 108 светилки тогаш за секоја од нив, граѓаните платиле по точно 20.370 денари, односно речиси 350 евра.
Сето тоа ќе беше, можеби, во ред, да станува збор за некој голем трговски центар, модерен, многу посетен, чист и добро уреден. Но, овој трговски е целосно руиниран.
КУРИР излезе на терен, на дневна светлина, да види каква е состојбата со трговскиот кој доби луксузно и прескапо осветлување. Истото, секако ќе се искешира од џебот на граѓаните на општина Аеродром.
Состојбата која ја затекнавме е во најмала рака-шокантна.
Се надеваме дека новите светилки ќе им го осветлат патот на надлежните и ќе им покаже на што всушност во оваа населба треба да се вложат пари. Овој трговски е ѓубриште, хаос, извор на зарази.
Во продолжение можете да го погледнете мизерниот трговски центар осветлен со 108 светилки, секоја од нив платена со 350 евра.
Фотографиите направени од КУРИР се сведок дека општината осветли буниште.