Во Домот на АРМ во Скопје денеска се одржува традиционална крводарителска акција по повод празникот Успение на Пресвета Богородица, што оваа година се одржува по одобрени протоколи, согласно пандемијата со Ковид-19.
Валентина Колеска, секретар на Црвениот крст на Северна Македонија – Општинска организација Центар, рече дека досега околу 60 крводарители учествувале во акцијата и ги повика сите граѓани кои сакаат да даруваат крв да дојдат во Домот на АРМ до 17 часот, до кога трае акцијата.
-Денеска веќе се приближуваме кон бројката од 60 крводарители, задоволителна бројка нешто слично како и изминатите години, најверојатно пандемијата на Ковид-19 не ги спречува луѓето да даруваат крв. Што се однесува до организацијата испочитувани се сите протоколи за заштита од Ковид-19. Во текот на летото секогаш имам недостиг на крв и оваа акција токму затоа е многу важна. Ги повикувам крводарителите, граѓаните на Град Скопје да дојдат, акцијата трае до 17 часот, да ја покажат својата хуманост. Во овие 17 години се собрани околу 3.890 крвни единици, или во просек 230 дарители на самата акција, вели Колеска.
Д-р Ефтим Димитровски од Институтот за трансфузиона медицина ги повика граѓаните да учествуваат во крводарителската акција и да не се плашат заради моменталната ситуација со Ковид-19.
-Се почитуваат сите заштитни протоколи, сите мора да носат маска, се држи растојание од два метра, задолжителна дезинфекција на раце. Во нашиот протокол имаме поставено и прашалник што е задолжителен за секој крводарител, во којшто се означуваат контактите со заразени или можни сомнителни заразени со Ковид-19, вели Димитровски.
Во однос на тоа дали крводарителите претходно треба да се тестираат на антитела или некој друг вид тест пред да даваат крв, тој вели дека не, но затоа пак има посебен протокол пред да се дарува крв.
– Тоа би било премногу захтевно да бараме од луѓето кои сакаат да ја изразат својата хуманост, но затоа е тој протокол мора да се чувствуваат здраво, да не биле во контакт со никој заразен, да не патувале во некоја друга држава, затоа мора да се почитуваат само тие правила, што се однесува до тестирањето не е задолжително, не го бараме тоа од дарителите. Тие што веќе имале контакт со заразен треба да ги испочитуваат правилата и да направат пауза додека да дојдат да даруваат крв.
Триесет и седумгодишниот крводарител Владимир Вукелиќ истакна дека веќе по 48ми пат дарува крв и оти тоа е нешто најхумано што може секој граѓанин да го направи. – Во врска со ситуацијта со коронавирусот, задоволен сум на кој начин се организираат активностите, сите превентивни мерки се запазуваат, така што не чувствувам посебен притисок заради ситуацијата зошто не би го направил тоа, зошто не би дарувал крв, вели Вукелиќ.