Кога ќе ја видите оваа фото галерија можеби ќе помислите дека е направена пред неколку децении, во запуштено место, во село кое е раселено и нема жители. Но, тоа не е вистина.
Овие фотографии се направени викендов во скопската населба Лисиче во општина Аеродром. Оваа населба е полна со жители, голем број на деца, има раздвиженост, продавници, амбуланта, аптеки. Во овој трговски центар секојдневно се принудени да поминуваат стотици граѓани бидејќи истиот се наоѓа на средината од населбата.
Лисичани како да се заборавени од локалните власти. Трговскиот центар во населба Лисиче е место кое НЕ е безбедно за деца, напротив, опасно е.
Децата бараат свое катче каде ќе го поминат слободното време, сакаат лулашки и клупи, но тука можат само да видат руинирани места и да бидат повредени или да паднат во дупка.
Во трговскиот во нивната населба, тие ќе најдат само дупки, скршени објекти, многу ѓубре… Тука можат да се повредат на секој чекор.
КУРИР веќе пишуваше за состојбата на овој трговски центар во моментот кога градоначалникот на Аеродром, Златко Марин, пред две години, се пофали дека ставил осветлување во истиот.
Старите светилки во 2019-та година се заменети со нови 108 лед-рефлектори и светилки. За новото осветлување се издвоени 2 милиона и 200 илјади денари од општинскиот буџет. Оваа огромна сума помогна мизеријата која владее во трговскиот центар да блесне во полн сјај. И тоа беше платено од џебот на граѓаните.
Наспроти тоа, не беше вложен ниту денар за подобрување на условите, за закрпување на дупки, за нови клупи или корпи за отпадоци, а на крај памет не им падна да направат некое катче за деца, како што има во другите општини.
Лисичани со години гласно реагираат, но никој не ги слуша. Нивниот најголем проблем е фактот што децата им учат во руинирани бараки бидејќи изградбата на училиштето тапка во место. Марин цел свој мандат се фали дека училиштето се гради, а лисичани секој ден се сведоци дека и ова е една од неговите лаги.
Трговскиот центар во Лисиче, нема да претераме ако кажеме, е една голема мизерија. Тука поминуваат граѓаните секој ден да си ги завршат своите обврски, родителите, бабите и дедовците кои секој ден ги носат децата во градинка и училиште се принудени да поминат низ оваа локација.
Место за рекреација -нема, место за одмор – уште помалку.
Ниту една клупа не е сменета со години, па така искршени можат само некого да повредат. Среде мизеријата од трговски центар, стои нешто кое треба да биде фонтана, а сега е објект со скршени плочки, многу ѓубре, без вода, неисчистено многу години, а за реновирање или ставање на нова фонтана Марин нема ни помислено.
Локацијата ја прават уште понебезбедна големиот број на улични кучиња кои секој ден се во трговскиот центар. Станува збор за големи кучиња од кои децата се плашат. Ниту проблемот со нив, никој не пројави интерес да го реши.
Погледнете ја фото галеријата на КУРИР: