четврток, 23. ноември 2023. Вести денес: 0
home Скопје

Уставен поведе постапка за ДУП-от во Карпош со кој се овозможува изградба на бензиска пумпа

Уставен поведе постапка за ДУП-от во Карпош со кој се овозможува изградба на бензиска пумпа

Уставниот суд изразува сомнеж во уставноста, но и законитоста на Одлуката за ДУП со кој се предвидува изградба на бензинска пумпа спроти базенот „Младост” во општина Карпош и донесе одлука да се запре извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената Одлука, информираат денеска од Уставниот суд.

Од Уставниот суд, информираат дека, на денешната седница одлучи да поведе постапка за Одлука на Советот на Општина Карпош од 03.03.2022 година за донесување на ДУП за Градска четврт 3. 04, Блок 3 04.05.

– Со поведувањето на постапката Уставниот суд изразува сомнеж во уставноста, но и законитоста на Одлуката за ДУП со кој се предвидува изградба на бензинска пумпа спроти базенот „Младост” во општина Карпош на дел од сообраќајната инфраструктура. Имено, Уставниот суд во оваа фаза оцени дека тој ДУП не е во согласност со ГУП на Град Скопје, нешто што е предвидено во содржината на Законот за просторно и урбанистичко планирање, но го оценува и како спротивен на владеењето на правото, се вели во соопштението од Уставен суд.

Дополнително, на денешната седница е одлучено да се запре извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената Одлука, или воведена е т.н. времена мерка која се додека Уставниот суд не донесе конечна одлука. (МИА)