понеделник, 18. декември 2023. Вести денес: 0
home Скопје

ВИДЕО: Свечено одбележан денот на општина Илинден, Влатко Стефановски беше специјален гостин

ВИДЕО: Свечено одбележан денот на општина Илинден, Влатко Стефановски беше специјален гостин

Со пригодна свеченост што со одржа на амфитеатарот во паркот „Галерија на отворено“ во Домот на култура „Илинден“, општина Илинден го одбележа патрониот празник на општината „Илинден 2-ри Август“ и националниот празник на македонскиот народ.

Во атмосфера каква што само може да понуди паркот „Галерија на отворено“, на оваа централна манифестација од одбележувањето, најнапред со честитки за Денот на Општината и националниот празник на македонскиот народ, на присутните им се обрати градоначалникот Жика Стојановски.

За величественоста на настанот се погрижи нашата музичка легенда Влатко Стефановски кој беше специјален гостин на вечерта. Присутните уживаа во изведбите на нашиот виртуоз на гитара, во еден глас пеејќи ги евергрините „Чукни во дрво“, „Као какао“ „Скопје“…

На централната манифестација и претходеше свечена седница на Советот на општина Илинден на која беше доделено нововостановеното признание „Клуч од Општината“. Ова признание се  доделува на правни и физички лица кои со својата поддршка на локалната самоуправа придонеле за побрз развој на Општината во спроведувањето на нејзините планови и активности за овозможување подобри услови за живеење, подобрување на животниот стандард и квалитетот на животот на граѓаните на општина Илинден.

Добитници на ова престижно признание „Клуч од Општината“ што го додели градоначалникот на општина Илинден, Жика Стојановски се Друштвото за меѓународен транспорт и шпедиција  „Дени интернационал“ и Момчило Николовски.

Како дел од централната манифестација од одбележувањето на Денот на општина Илинден „Илинден 2-ри Август“ во Галеријата на Домот на култура „Илинден“ беше отворена изложба на уметникот-аматер Зоран Трпевски од општина Илинден. Изложбата ја отвори академскиот сликар Новица Трајковски, кој зборувајќи за авторот истакна дека иако е аматер со неговите дела може да застане рамо до рамо со членовите на Друштвото на ликовните уметници на Македонија.

Во рамките на одбележувањето на Денот на Општината и националниот празник на македонскиот народ и годинава се одржа традиционалниот Спортски викенд „Илинден 2018“, под мото „Ние навиваме за Македонија“ на кој учествуваа над 750 спортисти, како и крводарителска акција, во која годинава и покрај тоа што се одржува во летниот период драгоцената течност ја даруваа досега рекордни 63 крводарители од општина Илинден.