Концерти, изложби, театарски претстави, 3Д-видео мапинг, се само дел од културно-уметничките соджини со кои синоќа се одбележа овогодинешната јубилејна 15-та „Бела ноќ“ во Скопје.
Пред објектот на Универзалната сала се одржа настанот „50 години од Скопски“, каде познатите хитови од фестивалот ги изведуваа македонски пејачи, меѓу кои и Сашо Гигов- Гиш, Ѓоко „Ај кју“, Калиопи, Верица Ристевска, Драган Мијалковски, Славе Димитров, Лидија Кочовска…
Настанот испрати силна порака- во најбрз можен рок да се реновира и врати Универзалната сала и да се врати Скопскиот фестивал.
Како дел од одбележувањето на „Бела ноќ“, победниците на натпреварот во видео мапинг на „Skopje Light Art District 2019“, французите Џереми Ури и Милош Лисински, својата визуелна уметност ќе ја отсликаат на фасадата на катната гаража „26-ти јули“.
Во МКЦ пак, како дел од 9-тото издание на фестивалот „НЕкултура“, посетителите се забавуваа со прочуеното британско електронско дуо „Paranoid London“, но и со домашните „Pluto’s Doubt“, „Sethsta“,„ Barum Barum“ и останатите артисти и диџеи кои беа дел од фестивалот.
Во МНТ се одржа премиера на претставата „КРУГ“ адаптирана според антологиското дело на Артур Шницлер (Reigen), а во режија на Наташа Поплавска.
На „Бела ноќ“, Националната Опера и Балет го одбележи свој јубилеј, 70 години постоење со делата „Кармен“ и „Валпургиска ноќ“.
Голем број настани се одржаа и во Скопје- КИЦ, Театар Комедија, Музејот на македонската борба, Галерија 8 во Старата Чаршија, во паркот Ибни Пајко, Мала Станица, Градското кино Милениум како и во Музејот на современа уметност.
Веќе 15 години, фестивалот ја доближува уметноста до граѓаните, со концептот кој одговара на урбаната заедница која се поистоветува со својот град.