Во текот на сите денови од оваа работна недела во билтените на случувања евидентирани од тетовската полиција има регистрирано напади од бездомни кучиња.
На 18 јануари 69-годишник од село Милетино пријавил дека во неговото село бил каснат од куче скитник, следниот ден, 50-годишник пријавил ист случај на улица „Ѓоце Стојчевски“ во Тетово. Во среда мајка пријавила дека малолетното дете и било нападнато и искасано од куче, а, вчера, околу 16 часот и 50-годишник во село Доброште се соочил со ист проблем.
Ветеринарот Рами Селмани потсетува дека во Тетово од ноември веќе нема третирање на бездомни кучиња и дека поради зимата евидентна е поголема агресија кај кучињата.
-Немаат храна, не наоѓаат околу контејнерите. Луѓето послабо се движат, послабо оставаат храна и тие се гладни и затоа напаѓаат. Гледаат луѓе со нешто во рака и мислат дека е храна за нив и ги напаѓаат, објаснува ветеринарот Селмани.
Инаку, на крајот од октомври завршија средствата предвидени со последниот трет тендер на Општина Тетово. За сите три тендери беа третирани околу 300 кучиња.
Уште во јули оваа година, градоначалничката Теута Арифи, изјави дека Општина Тетово нема повеќе пари за зголемување на можноста околу справувањето со бездомните кучиња. Таа за посеопфатно и системско работење преку соодветна служба или институција рече дека е возможно во склоп на полошкиот плански регион. (МИА)