Општина Карпош е формирана во 1976 година, иако и од пред тоа овој дел од нашиот главен град го носело името Карпош – во чест на Карпош војвода, водач на Селското востание од кривопаланечкиот и кумановскиот крај. Подоцна и Христијан Тодоровски – Карпош, народен херој на Македонија од Народно ослободителната борба. Чест на обајцата. Карпош е синоним за истрајност и сопствен идентитет во Македонија. И еве, години подоцна оваа општина со големо име, тоне во сивило, безидејност, хаотичност како ништо што прилега на името што го носи, рече Оливер Зафировски, кандидат за градончалник на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашниот митинг.
А, мојот Карпош, додаде тој, јас го гледам како модерна и современа општина без дупки на асфалтот, без диви депонии, како општина со нула толеранција кон урбаната мафија и во која конечно ќе се стави крај на малверзациите со дооформување на градежни парцели.
„И затоа приоритет за мојот, за нашиот Карпош, е да биде без нови згради-хуманизација на просторот наместо постоечката бетонизација, како и ограничување на градежната инвазија на потегот од реката Вардар до врвот на Водно, односно запирање на сите постапки за издавање градежни дозволи, за подобра и поздрава животна средина за сите вас, со проект за уредување на двете страни од кејот на Вардар, од мостот Обединети нации до хотелот Александар Палас, целосно уредување на делот надвор од коритото на реката Лепенец“, рече Зафировски.
Тој најави и нов пензионерски дом за грижа за повозрасните, бесплатен топол оброк до нивните домови и достава на лекови, како и отворање на народни кујни.
„Со изградбата на зелениот пазар на крстосницата во Злокуќани ќе се реши долгогодишниот проблем на граѓаните за да можат да пазарат во соодветни услови. Знаете дека сите од вас имаат проблем со недостаток на паркинг простор и хаос пред вашите домови. Заради тоа се предвидени нови еколошки монтажни катни гаражи и реконструкција на постојните подземни гаражи. Во следните четири години ќе бидам силно фокусиран кон развојот на спортот и конечна ревитализација на спортската сала од моето детство Партизан и уредување на просторот околу неа“, кажа Зафировски.
Зафировски укажа дека негова најголема желба е со поддршка на граѓаните да започне да се создава нова иднина преку промени, проекти, до победи.