Жителите на скопската општина Кисела Вода во среда во 18 часот излегуваат на протест.
Со протестот, кој ќе се одржи кај Гет кафе, жителите од оваа населба сакаат да порачаат дека треба да престане бетонизацијата на општината особено на Расадник, кој е единствената останата поголема зелена површина.
Месеци наназад жителите на Расадник упатуваат апели дека изградбата на најмалку 100 згради на овој простор, дополнително ќе ги загрози и онака лошите услови за живеење во одој дел од општината.
Тие велат дека улиците се пренатрупани со возила, нема паркинг места, детски игралишта, а се помалку ќе има и кислород за дишење.
Од нацртаните 100 згради во населбата Расадник лани избришани се маркички само за три, а на пет е намалена катноста, според Деталниот урбанистички план (ДУП) Градска четврт Ј14 Расадник на Општина Кисела Вода. Трите згради се избришани бидејќи се наоѓаат во заштитена зона односно на траса на далекувод, а останатите згради остануваат со катност од 6 до 13 ката и треба да донесат уште над 8.000 жители.
И додека надлежните од Град Скопје и Општината велат дека планот е правен да има и има услови за хумано живеење, жителите децидни дека условите за живот во овој дел од населбата и сега се далеку од хумани поради неконтролираната изградба на станбени објекти.