Жената која го тужеше американскиот пејач Боб Дилан тврдејќи дека сексуално ја нападнал пред речиси 60 години, ја повлече тужбата, според адвокатот на познатиот музичар.
– Случајот е затворен. Среќни сме што тужителот се откажа од „симулацијата на правда“… Скандалозно беше што воопшто имаше таков случај, изјави денеска адвокатот Орин Снајдер.
Пред овонеделното сослушување во њујоршкиот Суд, адвокатот на Дилан рече дека има мејлови кои покажуваат „недоследности“ во тужбата и додаде дека жената отстранила докази кои би ја дискредитирале. Жената чиј идентитет јавно е претставен со иницијалите Ј.Ц., поднела тужба во август минатата година, тврдејќи дека Дилан сексуално ја злоставувал во период од шест недели меѓу април и мај 1965 година.
Се тврдеше и дека пејачот, наводно, „го злоупотребил својот статус на музичар“ за да ѝ обезбеди алкохол и дрога на тужителката. Таа тогаш имала 12 години.
Добитникот на Нобеловата награда за литература за 2016 година, Боб Дилан (81), се смета и за еден од најголемите музичари и кантавтори на 20. век.