четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Познати

Почина познатиот македонски музичар Мирчо Чуков, член на легендарната група „Интервали“

Почина познатиот македонски музичар Мирчо Чуков, член на легендарната група „Интервали“

На 64 годишна возраст во Струмица почина познатиот македонски музичар Мирчо Чуков, член на легендарната музичка група Интервали.

– Денеска попладне на 64-годишна возраст ненадејно почина Мирчо Чуков, познатиот вокал и клавијатурист на легендарната музичка група „Интервали“ од Струмица, објави вчера strumicanet.com.

Засега не е позната точната причина за смртта на Чуков, кој ја остави во тага својата сопруга Снежана, со која заедно 30 години беа дел од незаменливата група „Интервали“.

„Ех, да сакаш“, „Плачела“, „Ноќта е створена за грев“, „Те молам немој“, „Дана“, „Ана“ … се само дел од познатите хитови на групата „Интервали“.

Во септември минатата година, групата „Интервали“ го имаше своето десетто јубилејно учество на фестивалот на забавни мелодии „Макфест“.

„ИНТЕРВАЛИ“ се македонски поп–бенд од Струмица, кој е формиран во 1974 година. Мирчо Чуков и Снежана Момчиловиќ, како вокали, се придружуваат во 1982 година. Во 1984 година јаправат првата снимка за продукцијата на РТ Скопје за песната „Венчавка“.

Во 1986 година учествуваат на Југословенските денови на поп-музиката во организација на Југословенската радио-телелвизија со композицијата „Не сум јас оној принц“, чиј комплетен автор
е Славе Димитров. Истата година учествуваат на „ТВ Спот Фест“ со песната „Ти имаш небо“, а во 1987 година победуваат на истиот фестивал со песната „Дај, поведи ме“.

„Интервали“  ќе учествуваат 10 пати  на фестивалот МАКФЕСТ. На „Ваш шлагер сезоне“ во Сараево, во 1988 година, настапуваат со песната „Немој да ме будиш“ (Nemoj me buditi), а двапати на југословенскиот избор за Песна за Евровизија, и тоа во 1989 година со песната „Оган гори“, заедно со Здравко Шкендер , и во 1990 година со песната „Како магија“.

Својот прв носач на звук го издаваат во 1991 година и оттогаш започнува нивната соработка со Љупчо Мирковски. „Интервали“ настапуваат и на сите пет изданија на „Интерфест Битола“ (1992
– „Бел лебед“, 1993 – „Избриши го моето име“, 1994 – „Слатка тајна“, 1995 – „Сибирски ноќи“, 1996– „Две срца вљубени“ – Трета награда од публиката, а настапуваат и на „Скопскиот фестивал“,
„Еврофест“, „Охрид фест“… Подоцна издаваат и две ЦД-компилации со свои хитови.

Во 2009 година Мирчо Чуков реализира соло проект со традиционални македонски народни песни.

Интервали  во 2012 година го издаваат и последниот албум.

Најнови вести