петок, 17. ноември 2023. Вести денес: 0
home Познати

Принцот Хари не смее да носи воена униформа на погребот на неговата баба, но ќе биде направен исклучок поради еден човек

Принцот Хари не смее да носи воена униформа на погребот на неговата баба, но ќе биде направен исклучок поради еден човек

Синот на кралот Чарлс Трети, принцот Хари нема да смее да носи свечена воена униформа за време на погребот на кралицата Елизабета Втора, но поради принцот Ендру овој пат ќе биде направен исклучок, јавуваат британските медиуми.

Извори блиски до кралското семејство соопштија дека од посебни причини на војводата од Јорк ќе му биде дозволено да присуствува во воена униформа на сите церемонии за време на погребот на кралицата Елизабета Втора.

„Разбирам дека на Хари, за разлика од принцот Ендру, нема да му биде дозволено да носи униформа за време на церемонијата во Вестминстерската палата. Ова е голема неправда кон војводата од Сасекс кој помина десет години во служба“ напиша на Твитер новинарот Омид Скоби, кој е близок пријател на Меган Маркл.

Телото на кралицата Елизабета ќе биде изложено во Вестминстерската палата од утре попладне до нејзиниот погреб, пишува „Дејли мејл“.

Бакингемската палата се уште не објави кои членови на кралското семејство и владини претставници ќе присуствуваат на погребот. Она што засега е познато е дека Русија, Мјанмар и Белорусија нема да добијат покана.

Принцот Ендру на почетокот на годината се најде во центарот на вниманието на британската јавност кога неколку девојки го обвинија за сексуална злоупотреба и педофилија. По овие обвинувања тој беше принуден да се повлече од сите кралски должности и оттогаш ретко се појавува во јавноста.

Од друга страна, принцот Хари и неговата сопруга Меган Маркл се откажаа од кралските должности во февруари минатата година, а не долго откако се преселија во Калифорнија. Двајцата минатата година и дадоа шокантно интервју на Опра Винфри во кое упатија низа обвинувања против кралското семејство. По тоа интервју односите меѓу принцот и останатите членови на кралското семејство дополнително се заладија.

Хари пристигна во замокот Балморал во четвртокот, но за жал не успеа да се збогува со својата баба, која почина во меѓувреме.

Во саботата, тој беше виден со неговата сопруга Меган, постариот брат Вилијам и неговата сопруга Кејт Мидлтон во обиколка на цвеќињата и пораките што обожавателите ги оставија за кралицата Елизабета.

Погребот на кралицата Елизабета ќе се одржи следниот понеделник и ќе биде проследен со целосни државни почести.

Најнови вести