Веста за смртта на пејачот Масимо Савиќ ги растажи неговите бројни обожаватели ширум регионот, кои се присетија на една негова изведба на песната „23 декември“ во популарната музичка емисија „А страна“ на Хрватската радио телевизија.
Имено, се работи за песна на неговиот колега Тони Цетински, со кого заедно ја испеаа во божиќното издание на „А страна“ во 2018 година.
Токму на тој датум, 23 декември, Масимо Савиќ почина на 60-годишна возраст, како последица на ракот на белите дробови.
„Оваа песна, во изведба на Тони и Масимо, на денешниот датум 23 декември, добива сосема нова димензија значење. Почивај во мир, драг Масимо. Нека те чуваат ангелите“, „И точно на 23 декември нѐ напушти, ѝ даде уште една нота на песната, уште една солза и тежина. Почивај во мир Масимо, фала ти за сѐ“, „Колку ми беше жал кога слушнав дека нашиот драг Масимо го напуштил овој свет. Која случајност, не можам да поверувам. Почивај во мир Масимо“, „Солзите сами течат, веќе никогаш нема да ја слушам песнава на ист начин“, пишуваат неговите обожаватели на Јутјуб.