Можеби најдолгиот филм некогаш снимен, има трејлер којшто трае повеќе од седум часа. А пак, кусиот трејлер трае околу еден час.
„Остварувањето“ носи наслов „Амбиент“ (Ambiancé) и, наводно, требаше да излезе на 31 декември 2020 година. Според најавите на Семрежната филмска база на податоци – ИМДБ, филмот трае околу 30 дена, или 720 часа, па веројатно затоа и трејлерот трае седум часа и 20 минути. Ова што следи, е само мал исечок од сѐ тоа.
„Просторот и времето се испреплетени во надреално патување како сон вон познатото место и се апстрактно, нелинеарно наративно резиме на времето на уметникот Андерс Веберг минато со подвижната слика“, се вели во описот на ИМДБ-страницата за филмот.
Филмот, според познавачите, бил замисла на шведскиот експериментален режисер Андерс Веберг, како своевидна уметничка реакција на „еднократната употреба“ на денешните киноостварувања, при што прикаските од минатото само се преправаат и повторно се објавуваат.
Трејлерот беше објавен уште во 2016., а премиерата беше закажана за 2020 година. Сепак, тоа на крајот не се случи.