На 22-ри sептември во Синеплекс се одржа премиерата на независниот, домашен филм Te Dua, Жими Мене.
Филмот премиерно го погледнаа четири полни кино сали, а публиката ја поздрави екипата со громогласен аплауз и стоечки овации.
Станува збор за целовечерна комедија во режија на Марјан Гавриловски, а по сценарио на Никола Кузелов. Зад камерата стои Александар Карпузовски, а оригиналната музика е на Валентин Видовиќ. Главните улоги ги толкуваат Никола Кузелов, Атанас Атанасовски, Валентин Видовиќ и Ангела Стојановска, а во филмот како епизодисти се појавуваат и истакнати актерски имиња како Сенко Велинов, Тони Михајловски, Игор Џамбазов, Мими Таневска, Владо Јовановски и многу други.
По прес проекцијата која се одржа ден пред премиерата, дел од домашните филмски критичари и новинари излегоа со свои мислења за филмот:
“Независна продукција со одлична актерска екипа која слободно може да чита и телефонски именик, тоа е забавна комедија на забуни, која си подигрува со балканските стереотипи.” – Илина, Букбокс.
“Умешноста на сценаристичкото достигнување на Никола Кузелов е во тоа да не ја потцени публиката, вешто избегнувајќи да ги сведе дури и намерно карикираните ситуации на евтин скеч. Режисерот Гавриловски пак својата визија сликовито ја надградува не дозволувајќи да западне во канџите на тривијалноста, а со предрасудите си поигрува на начин со кои ги собира симпатиите. Се чини дека ништо не би било толку добро, доколку кастингот не е полн погодок. Одлична е спојката на тројцата „верни другари“ Кокан, Двојка и Сакс што како дијаметрално спротивни карактери ги доловуваат Никола Кузелов, Атанас Атанасовски и Валентин Видовиќ.” – Тони Цифровски.
“Независна продукција со одлична актерска екипа која слободно може да чита и телефонски именик, тоа е забавна комедија на забуни, која си подигрува со балканските стереотипи.” – Александра Тодоровиќ, Трн.
Филмот пред домашната премиера беше во селекција на KinEst Fest во Италија, како и на Young Europen Film во Тирана, Албанија каде ја доби наградата за најдобар филм од публика.
Te Dua, Жими Мене можете да го погледнете на редовен репертоар во Синеплекс и во Кино Милениум. Од 28-ми септември во комедијата ќе можат да уживаат и жителите на Велес и Штип во кино Киноверзум.
На 30-ти септември ќе се одржи проекција во Охрид, на 29 во Прилеп, додека на 5 и 6 октомври ќе има проекции во Кочани и Свети Николе.
На 10-ти октомври ќе се одржат проекции во Струмица и Пробиштип, а на 13 во Демир Хисар. Најавени се проекции и во Битола, Кичево, Кратово, Кавадарци, Делчево, Виница, Гевгелија и Неготино.