недела, 19. ноември 2023. Вести денес: 0
home Останати спортови

Алафилип победи во хаосот на 16-та етапа на „Тур де Франс“

Алафилип победи во хаосот на 16-та етапа на „Тур де Франс“

Францускиот велосипедист Жилиен Алафилип од тимот Квик Степ победи на 16-та етапа од трката „Тур де Франс“.

Планинската етапа од Каркасон до Бањер де Лишон, долга 218 километри, ја одбележа краткиот прекин поради протестот на локалните фармери.

Патеката беше блокирана со бали сено, а дополнителен хаос се создаде по интервенцијата на полицијата, која се обиде со солзавец да ги растера фармерите, но поради ветерот дел од солзавецот заврши и кај велосипедистите, по што некои побараа и лекарска помош.

По 15-тина минути трката продолжи со нормален ритам, а Алафилип го искористи падот на британскиот велосипедист Адам Јејтс и победи.

За Алафилип ова е втора победа на овогодишниот „Тур де Франс“, откако претходно триумфираше на 10-та етапа.

Втор денеска заврши шпанскиот велосипедист Горка Изагире од тимот Бахреин Мерида.

Британецот Герајнт Томас од тимот Скај етапата ја заврши на 24 позиција, но ја задржа жолтата маица и водството во генералниот пласман. Вториот во генералниот пласман, неговиот клупски колега Кристофер Фрум, заврши како 23.

Утре се вози 17-та етапа од Бањер де Лишон до Сан Лари Сулан со должина од 65 километри.