Македонските одбојкари утре против Унгарија ќе го завршат квалификацискиот циклус за Европското првенство во 2019.
За да остварат историски прв пласман на континенталните самити, потребна е победа, но и посакуван расплет на уште два квалификациски натпревара. Со Унгарија ќе играат во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје од 20 и 15, а преносот на МТВ 1 ќе почне десетина минути порано.
-По поразот во Украина во саботата и победата на Швајцарија во Унгарија, на македонските одбојкари им е потребна победа од 3:0 против Унгарија на домашен терен во салата „Кале“ за да го осигураат второто место во групата.
–На првиот натпревар во Будимпешта во август, Македонија победи со 3:2 во изедначен натпревар во којшто сите пет сета заврија со разлика од два поена.
-Унгарците немаат шанса да се квалификуваат, а „црвено-жолтите“ се уште се надеваат дека ќе обезбедат виза за Европското првенство. За да им се оствари сонот, покрај победа во последниот натпревар, потребно е да бидат исполнети уште два услова. Првиот е Летонија да го победи Израел во Јелгава, а вториот Шведска да триумфира против Азербејџан во Стокхолм.
-Во Украина не бевме фаворити, сега ќе бидеме, но тоа треба да го покажеме на терен. Им реков на играчите дека натпреварот треба да го почнеме исклучително мотивирани и ако можеме да ги разбиеме, пред се со нашиот сервис. Жал ми е што не решаваме сами затоа што во таков случај убеден сум дека салата ќе беше преполна, но се надевам дека и сега гледачите ќе дојдат да ни помогнат за да оствариме победа, а со тоа да ги задржиме шансите за пласман, изјави селекторот на Македонија Никола Матијашевиќ.
-Македонскиот национален тим ќе го одигра 89-тиот натпревар во европските квалификации. Генерацијата предводена од капитенот Никола Ѓорѓиев, кој е прв стрелец во тековниот цуклус, се надева на дебитантско учество на континенталните самити, а Унгарија досега има 10, последниот пат пред 36 години.
-Македонија и Унгарија утре ќе го одиграат четвртиот меѓусебен натпревар во квалификациите за ЕП. Пред две децении Унгарците забележаа две победи, а Македонија се надева дека ќе го израмни билансот на 2-2.
-Атмосферата е на пониско ниво, меѓутоа тоа може да биде и предност за нас. Со позитивна мисла можеме да направиме подобра игра и подобар резултат отколку со Украина. Многу работи може да се променат во зависност од резултатите од другите натпревари коишто се пред нашиот, но ние мора да победиме без оглед дали тие резултати ќе ни одговараат или не. Сакаме да завршиме со победа, а ако даде Бог, да одиме на Европското првенство 2019. Ако не можеме, треба да мислиме на иднината и на нашиот рејтинг со цел да имеме подобра ждрепка за наредниот циклус којшто ќе почне во 2020-тата. Јас имам некое чувство дека Летонија и Шведска ќе победат и дека со наш триумф над Унгарците ќе се радуваме на пласман, вели капитенот Никола Ѓорѓиев.