четврток, 18. април 2024. Вести денес: 0
home Останати спортови

Ферари никогаш поочаен, Леклер сака да ја дознае вистината

Ферари никогаш поочаен, Леклер сака да ја дознае вистината

Најголемиот губитник на трката за Големата награда на Франција, седма трка сезонава во Формула 1, е секако екипата на Ферари, бидејќи славниот италијански тим првпат остана без бодови во шампионатот.

Во Ферари беа оптимистички расположени пред трката на патеката „Пол Ришар“, бидејќи нивните возачи беа петти (Карлос Саинц) и седми (Шарл Леклер) во квалификациите. Но, наместо да се собираат бодови, се случи дебакл на трката и првпат во 2021 година ниту еден болид со „коњче“ не заврши во првите десет.

Двајцата возачи се измачуваа со потрошените пневматици и паднаа во целост, така што на крајот Саинц заврши на 11., а Леклер на 16. место, во трка во која сите 20 возачи ја минаа целта што се случи по десетти пат во историјата на Формула 1.

Леклер остана збунет со големите проблеми што ги имаше неговиот тим со гумите на „Пирели“.

Ние навистина треба да разбереме што се случи, затоа што се мачевме со двата болиди, масовно паѓавме. Имавме темпо за првите два круга, а потоа сите продолжуваат со тоа темпо, а двата наши болида почнуваат да паѓаат. Треба да поработиме на тоа и да се обидеме да разбереме кој е нашиот проблем, истакна Леклер на кој не му помогна промената на тактиката со две застанувања во боксот.
Слично размислува и неговиот тимски колега – Карлос Саинц.

Изгледавме добро на тренингот во петокот. Но, очигледно условите се променија и нашиот болид не беше отпорен на тие промени. Немавме темпо, гумите беа истрошени… Тоа е нешто што не сум го доживеал претходно и тоа е нешто што навистина мора да го разбереме, бидејќи е сосема очигледно дека во некои од овие неделни услови гумите не се приспособуваат најдобро и одиме назад, додаде Шпанецот.

Целта на Ферари во овој шампионат е да се обиде да биде трет во пласманот на конструкторите зад недопирливите Ред Бул и Мерцедес, а најголем конкурент е Мекларен, кој сега му бега 16 бода (110-94).