вторник, 9. април 2024. Вести денес: 0
home Останати спортови

Георгиевски е 11-тиот Македонец кој освојува медал на Олимписките игри

Георгиевски е 11-тиот Македонец  кој освојува медал на Олимписките игри

Дејан Георгиевски денеска ја израдува македонската нација со освојувањето на сребрениот медал на Олимписките игри во Токио. Георгиевски во финалето на олимпискиот турнир во таеквондо во категоријата над 80 килограми загуби од Русинот Владислав Ларин со 15:9.

Младиот 22-годишен таеквондист го оствари најголемиот успех на Олимписките игри по осамостојувањето на Македонија во 1991 година, и го освои вториот медал оттогаш. Пред Георгиевски, олимписки медал освои и Могамед Ибрагимов, борачот на Игрите во Сиднеј 2000 година се закити со бронзениот медал.

Воедно Георгиевски стана 11-иот Македонец кој освоил медал на ОИ, претходните 10 македонски легенди освоија 13 медали кога настапуваа за поранешната СФР Југославија. Двајца спортисти имаат освоено златни медали, Благоја Видиниќ како член на фудбалската репрезентација на СФР Југославија во 1960 година, како и нашиот најдобар борач на сите времиња, Шабан Трстена кој победи на ОИ во Лос Анџелес 1984 година.

Освојувачи на медали на Олимписки игри се:
Благоја Видиниќ – ЛОИ Мелбурн – 1956 – сребрен медал
Благоја Видиниќ – ЛОИ Рим – 1960 – златен медал
Благоја Георгиевски – ЛОИ Монтреал – 1976 – сребрен медал
Аце Русевски – ЛОИ Монтреал – 1976 – бронзен медал
Шабан Сејдиу – ЛОИ Москва – 1980 – бронзен медал
Шабан Сејдиу – ЛОИ Лос Анџелес – 1984 – бронзен медал
Азис Салиху – ЛОИ Лос Анџелес – 1984 – бронзен медал
Милко Ѓуровски – ЛОИ Лос Анџелес 1984 – бронзен медал
Реџеп Реџеповски – ЛОИ Лос Анџелес – 1984 – сребрен медал
Шабан Трстена – ЛОИ Лос Анџелес – 1984 – златен медал
Шабан Трстена – ЛОИ Сеул – 1988 – сребрен медал
Стојна Вангеловска – ЛОИ Сеул – 1988 – сребрен медал
Могамед Ибрагимов – ЛОИ Сиднеј – 2000 – бронзен медал

Покрај нив, Македонија има освојувачи на медали и на Параолимписките игри, Бранимир Јовановски во стрелаштво го освои златниот медал на Игрите во Барселона 1992 година, а истиот успех го повтори и Оливена Наковска – Бикова на Игрите во 2012 година во Лондон.

Освојувачи на медали на пара-олимписки игри се:
Вангел Жабев – ЛПОИ Арнхем – 1980 – 2 бронзени медали
Бранимир Јовановски – ЛПОИ Барселона – 1992 – златен медал
Ванчо Каранфилов – ЛПОИ Атина – 2004 – сребрен медал
Оливера Наковска – Бикова – ЛПОИ Лондон – 2012 -златен медал