Селекторот на македонската машка одбојкарска репрезентација, Јошко Миленкоски, и следната сезона ќе биде тренер на ПАОК, откако тој продолжи со работа во грчкиот клуб, со кој го освои тамошниот Куп и играше во финалето на првенството, информира Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
Претходно, Миленкоски предводеше седум клуба, а со четири од нив оствари пласман на завршниот турнир во Купот на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ).
Најтрофејниот македонски тренер беше селектор на репрезентацијата на Турција и ја предводеше до 11-то место на Европското првенство (ЕП) во 2017 година, па претстојниот континентален собир на кој коорганизатор е и Македонија, ќе биде негов втор настан од таков ранг.