Македонската каратистка Мариастела Топалоска се закити со бронзен медал во џиу ипон кумите на Светскиот куп за деца на возраст од 10 до 11 години, чиј домаќин беше полскиот град Лублин.
Забележителен настап имаа и останатите петмина македонски претставници, а најблиску до резултатот на Топалоска беше Камелија Недев, која во дисциплината кати за деца го освои четвртото место. Недев во финалето беше грубо оштетена од судиите и за 0,1 поен не успеа да освои бронзен медал.
Димитри Влахо, Матеј Мангаровски, Софија Јарчевска и Максим Поп Трпев во своите категории се пласираа од 5. до 8. место.
На Светскиот куп во Лублин учествуваа над 1.000 натпреварувачи од 28 земји.