Австралискиот тенисер Ник Кириос скапо ќе го плати своето недолично однесување и кавгата со судијата Карлос Бернардески за време на осминафиналето на Мајами Опен, во кое беше поразен од Италијанецот Јаник Синер, откако Здружението на тениски професионалци (АТП) му изрече казна во износ од 35.000 долари.
ОД АТП објавија дека Кириос е казнет со 5.000 долари поради пцуење, со 10.000 долари за неспортско однесување и дополнителни 20.000 долари поради вербално малтретирање.
Австралиецот само две недели претходно, исто така, предизвика инцидент на турнирот од серијата Мастерс 1000 во четвртфиналето против Шпанецот Рафаел Надал, и беше парично казнет со 25.000 долари. (МИА)